ПАРК НА ГЛУПОСТА

1.

Го читам Коле Манев во „Дневник“ и се чудам. А всушност (божем) и тој се чуди. Се прашува „која е причината што ликовната дејност е толку заборавена и запоставена, се разбира, ако ги исклучиме изработените скулптури во рамките на проектот ’Скопје 2014’ …“. За него тој кичерај е – ликовна дејност? Машала, Манев. Но тоа не ми е поентата. Зашто, веднаш потоа, Коле Манев, велејќи дека многу нешта ни недостасуваат во ликовната проблематика, особено го потенцира „немањето институција национална галерија“ (sic!).

Е сега, јес да господинот Манев е веќе во поодминати години, ама очигледно умот добро го служи штом пишува колумни. Потоа, знам дека ние таква институција што се вика Национална галерија на Македонија имаме зашто јас сум бил прв директор на таа институција и денес, сеуште, таму добивам плата! И понатаму, знам дека г-динот Манев знае дека едно негово (одлично и емотивно) дело – портрет на мајка му, со селото Бапчор во позадина – е дел од постојаната поставка во таа институција што се вика Национална галерија на Македонија!

Та оттука, да не сака нешто друго да каже Коле Манев? Ама, некако, во завиена форма?

2.

Како и да е’, само неколку страници понатаму, истиот весник објави информација дека, по повод т.н. Ден на дрвото, токму во таа (непостоечка?) Национална галерија на Македонија, ќе биде „воспоставен“ (така вели весникот!) Парк на уметноста! Јас не сум стручњак за „воспоставување“ на нештата, ама бидејќи се работи за парк, плус на Денот на дрвото, иако во таа институција земам плата и ми беше наложено да бидам присутен (не знаејќи зошто и како!), од весникот разбрав дека нешто ќе се сади. Но, ако е Парк на уметноста, нели треба да се „садат“ уметнички дела зашто, дури и како метафора, дрвата не се и не можат да бидат – уметност. Или можат? Не знаејќи за што се работи и зошто сум повикан, а читајќи го текстот во весникот, се’ си мислев дека ние дента или ќе (вос)поставуваме скулптури во земја, или можеби ќе ги закопуваме – за некоја иднина, кој ги најде, ги најде – или по тоа околните дрвја ќе закачиме некоја изложбичка, како што често правиме во објектите на НГМ, итн.

По логиката дека кај нас, денес, се’ е можно, изгледа дека не бев во право. Поточно, во Даут пашин амам – местото посочено во весникот како вистинската локација – човек можеше и лично да се увери дека ние навистина под уметност денес подразбираме дрвја. Во случајов – зимзелени. Засадени, се разбира, или спремни за садење. Ама, повторно, дрвјата не ги садеа кустоси односно куратори (како што ужива секоја шушумига денес да се нарекува) туку, мање – више, тоа го правеше такозвано техничко особље. Па ако е уметност, та дури и да е дрво, не треба ли тука да се ангажираат малку тоа кустосите, си велам? Божем стручни се? Ако нивните „стручни“ раце не фатат барем малку, од уметноста нема да има ни „у“.

И се мислам, оваа ли Национална галерија не ја знае Коле Манев, оваа што сади дрвца и ги нарекува – уметност? Ако е така, во право е. Да не сме и ние примени во „Македонски шуми“ на оној неодамнешен конкурс, а јас да не сум знаел?

ПАРК НА ГЛУПОСТАФамозниот Парк

3.

Но кога човек малку посериозно ќе прочита (во весникот, се разбира) што всушност „стручњаците“ сакале да кажат, гледа дека ѓаволот ја однел некаде шегата и дека овде станува збоер за сериозна дијагноза. Зашто, ни мање ни више, весникот не’ информира дека ние, Националната галерија на Македонија, таму – значи во дворот на Даут пашин амам – со цели 20 дрвца сме „воспоставиле“ парк на уметноста, нешто слично на перформансот на Јозеф Бојс и неговите 7.000 дабови дрвја, или мировните пораки во вид на дабови садници на Џон Ленон и Јоко Оно … па слично дури и со „ленд-арт инсталацијата“ (така барем, можеби нагалено, ја викаат „стручњациве“) со жалнине врби во Вардар на Искра. Мама миа!

И сега, малку е и Коле Манев, малку се и стотина маневци, да ни кажат дека ние навистина немаме национална галерија. Кога може цела една институција да има такво кратко паметење и да тргне по умот на едно недораснато штипско селанче кое намислило да изигрува Бојс или Ленон, за што тогаш правиме муабет? И сум рекол, и пак ќе кажам: не е компјутер за секого, уште помалку Интернет. Зашто кога некои ќе земат да сурфаат, сериозни бранови им се креваат во мозочињата. И мислат се’ што лета – се јаде. И мислат се’ што некој направил, ќе направат и тие. Со дваесетина дрвца ќе станат Бојс и Ленон, можеби Искричка …? Еден ден ќе им текне да направат и атомска бомба, за да личат на Опенхајмер!

4.

Но, кај нас најмалку е проблемот во дваесетина злоуптребени дрвца и еден недоразвиен ум кој живее на Интернет. Кај нас е проблемот во болните институции, во божем стручните луѓе без ум и разум, и интегритет, во луѓето без свое јас, во поединците спремни да аплаудираат на секоја будалаштина како она докторине околу министерон за здравство! Кај нас е проблемот во колпортерите кои себеси се нарекуваат новинари и пренесуваат секоја идиотштина добиена од болните институции. Кај нас се проблем стручните здруженија / асоцијации приватизирани до зла бога и одамна залегнати во длабок зимски сон. Кај нас веќе е проблем … се’!

А овие недоразвиениве не се либат да злоупотребат се’ што ќе им падне под рака. Дури и дрвцата. Па и навистина сериозни уметнички потфати како оној на Бојс. Па – и цели институции, кога има кој да тргне по нив. И не ме чуди што одделни персони не знаат дека уште пред 12-13 години, на истиот простор во дворот во Даут пашин амам, беше „воспоставен“ Парк на скулптури, со план, со хортикултурни решенија … За истиот (сериозен) Парк на скулптури беа (за жал) позајмени и сериозни дела од Петар Хаџи Бошков, Драган Попоски – Дада, Стефан Маневски, Боро Митриќески … На тој ист простор, во 2007 година, беа засадени и три дрвја од проектот „Бегалци“ на Славица Јанешлиева, за кои тоа „стручните“ куратори на Националната галерија умираа од смеење, посебно кога беше побарано за дрвцата да се постави и легенда, со сите вообичаени податоци. За жал, од многу грижа и стручност на „стручњаците“, две дрвца се исушија, а за состојбата на скулптурите, повторно за жал, и за да не опишувам, заинтересираните нека отидат да ги видат! Имаат и што да видат. Така ние се грижиме за уметничките дела! Тешко им е, дури, да стават кило-две заштитен премаз врз скулптурата на Дада, која просто гние во дворот!

????????????????????????????Драган попоски – Дада (тоа што останало од делото!)

И затоа не ме чуди што недоразвиени „куратори“ немат појма што се случувало овде пред деценија и кусур. Иако би морале да знаат. Или некој би требал да им каже, наместо што застанале заедно да садат дрвца и „воспоставуват“ Парк на глупоста. Та малку ли ги имаме? Имаме Центар на глупоста, имаме периферија на глупоста, уште овој Парк ли ни фалеше! Глупост на сите рамништа и во сите форми и облици!!!

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s